Груевски се плашеше од женска сукња, а Мицковски од женски очи, шпинциот градоначалник “бега” од момината солза на груевизмот

Од оној предизборен спот на парламентарните избори во 2008 година, кога тогашниот лидер на СДСМ, Радмила Шеќеринска го повикуваше на телевизиски дуел, Никола Груевски со зборовите- Никола не се плаши од женска сукња, до вчерашниот настап на градоначалничката Данела Арсовска немало таков “женски напад” врз некој лидер на ВМРО ДПМНЕ.

Патем речено во 2008 година Никола Груевски не го прифати предизвикот на женската сукња и не се појави на телевизиски дуел. Всушност, тоа беше единствен премиер во периодот на македонската независност кој немаше прифатено предизборен телевизиски дуел со лидерот на опозицијата, а во неговиот мандат на чело на СДСМ беа Радмила Шеќеринска, Зоран Заев и Бранко Црвенковски.

Во секој случај врие во Белата палата на Христо Татарчев. Таа политичка пресметка на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски деновиве ги добива своите финални обриси.

По победата на локалните избори во Скопје, Арсовска излезе со поентата дека успеала да ги пензионира и победи и Зоран Заев, кој после поразот во Скопје се повлече и од премиерската и од лидерската функција во СДСМ, како и Петре Шилегов кој како евентуален победник на изборите во Скопје и втор градоначалнички мандат се гледаше како наследник на Заев. Со таа изјава Данела Арсовска се покажа дека има многу поголеми политичи амбиции од тоа да биде мајка или прва жена на градот.

Не е ништо ново лидер на опозиција да влезе во конфликт со градоначалник на Скопје од редовите или поддржан од неговата партија. Таков беше конфликтот и меѓу Никола Груевски и Трифун Костовски, кој како независен кандидат поддржан од ВМРО ДПМНЕ победи на изборите во Скопје 2005 година.

Во основа секој лидер на опозиција, кога партијата се наоѓа во опозиција, не сака да има градноначалник на Скопје кој располага со буџет од стотина милиони долари, а посредно и со многу повеќе. И Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски отидоа на избори во Скопје со кандидатот на ЛДП, Ристо Пенов. Груевски со Трифун Костовски. И дури кога ВМРО доаѓа на власт во 2006, Груевски го кандидираше Коце Трајановски на изборите во Скопје во 2009 година. Тоа се повтори со Петре Шилегов во 2017, а на локалните исбори во 2021 Мицкоски се врати на старото правило.

И Костовски и Груевски, како и сега Мицкоски и Арсовска се судрија околу Водовод, комунално претпријатие кое има многу пари. Тоа е онаа бела барокна зграда под скопското Кале. Но во основа зад тие конфликти стојат политичките амбиции и на Костовски и на Данела Арсовска.

Сменетиот директор на Водовод беше Златко Перински, кој беше шеф на кабинет на Христијан Мицкоски, а во времето на власта на Груевски и Коце Трајановски беше директор на спортскиот центар (сала) Борис Трајковски. На таа директорска функција го замени Ратко Капушевски, личност со колоритна биографија кој во периодот на најголемата моќ на екс рускиот конзул, Сергеј Самсененко, беше негова десна рака.

Онаа вчерашна изјава на Данела Арсовска “Смали доживљај” и “на советникот му се тресат рачињата” го останат забележани во македонските хроники. Но интересно кој е советникот на кого му се обраќа Данела Арсовска? Тоа е Луке Галевски.

Оваа е втор мандат на Галевски во градот Скопје. Првиот мандат го доби на изборите во 2017 година, кога листата на ВМРО ДПМНЕ во Скопје ја водеше Христијан Мицкоски и на тие избори ВМРО беше до нозе поразен од СДСМ. Галевски беше ставен од Мицкоски на таа листа. Подоцна се говореше и за некои “вработувања” во “фирмите” на Мицоски но се тоа остана на ниво на шпекулација.

Луке Галевски е новиот Мартин Протугер во ВМРО ДПМНЕ. После смената/заминувањето на Иво Котевски, токму Галевски доаѓа на чело на Центарот за комуникации, читај пропаганда, на ВМРО ДПМНЕ. Интерсен е изборот Галевски да биде советникот кој ќе и се спротистави на градоначалничката во првата јавна конфронтација меѓу ВМРО и Арсовска по пукањато на тиквата во врска со водоводот и оној спорен тендер тежок 136 милиони евра.

Галевски бил секогаш човек на Никола Груевски. И тој е дел на таа моќна екипа од Ѓорче Петров во ВМРО ДПМНЕ. Со изборот на Луке Галевски да влезе “во доживљај” со градоначалничката во Белата палата сакале да покажат дека Груевски не е на страната на Данела во овој конфликт за освојување на лидерската фотеља во палатата. Но таму ќе има уште многу заплети и расплети а-ла турски серии, а Груевски секогаш знаел месо да гледа а компир да вади или обратно.

Што може да изгуби Данела Арсовска? Ништо. Ако ВМРО ДПМНЕ ја опструира Арсовска тогаш Мицкоски ќе се бетонира како човек кој прави опструкции на се диво и живо во Македонија кога и каде не е ВМРО ДПМНЕ ( или тој ) на власт, читај каде можат да се прават пари. Ако Мицкоски и ВМРО ја опструираат рабнота на македонското Собрание, ако сега тоа го прават и во градот Скопје, тогаш тое е веќе хронична појава и сигнал дека партијата и лидерот се подготвени да ја кочат државата и градот, да ги прават нефункционални само и само тие да дојдат на власт.

Второ, и да има избори за нови советници во Скопје, по примерот на Тетово и блокадата на тетовското собрание, тогаш голем број Скопјани нема да сакаат да гласаат за советнички листи кои би влегле во собранието и би ја опструирале работата на градоначалничката, бидејќи тоа и сега го имаме или ќе го имаме. Примерот на Билал Касамио во Тетово тоа го покажува.

Трето, Мицкоски самиот се доведе во непријатна позиција дека ќе поднесе оставка ако барем еден од сегашните пратеници на ВМРО ДПМНЕ би гласал за уставните измени кои произлегуваат од т.н. француски предлог. Сега медиумските мегафони на Балата палата, кои ги “храни” токму советникот Луке Галевски пишуваат, читај штанцаат како на норма, дека ударот на Данела врз Мицкоски било да се обезбедат пратеници кои ќе гласаат за Бугарите во Уставот. А Данела во своите јавни настапи го обвинува лидерот или шпицниот градоначалник дека со својата неактивност не ги бранел (ги продал!?) националните интереси.

И четврто, и да има нови избори за Советот на Скопје, а Петре Шилегов со својата твитер екипа водат кампања да им покажат на Скопјани дека згрешиле дека не го избрале Петрета туку Данела, ќе биде интересно како ќе се позиционира СДСМ и Ковачевски по тоа прашање. Шилегов ако има нови избори во Скопје ќе сака да се “круниса” како лидер на градското СДСМ или т.н. скопско крило и да ја истисни заменик претседателот на СДСМ, Сања Лукаревска да може да “одлучува” во Скопје. А од друга страна со некои избори и некоја победа во Скопје, Шилегов да се промовира во главен конкурент и кандидат за наследник на Ковачевски при негов евентуален пораз на следните избори.

Така што еден Водовод може да пушти многу вода на македонската политичка сцена!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *