Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по исцрпувачката седница на Собранието која траеше повеќе од десет часа, најде сила да раскаже една анегдота.
Вучиќ, како одговор на презентацијата на лидерот на СПС Ивица Дачиќ , сподели со јавноста шега што социјалистичкиот претседател му ја кажал на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган. Се работи за шега за Европа и за довербата што Србија со години ја изгуби во меѓународната заедница, пред се поради Косово и Метохија.
“Гледаш, Реџеп, минатиот пат застанавме на браникот на Европа и ја запревме Турција кога таа тргна во поход. Следниот пат кога ќе решиш да тргнеш, само кажи ни три дена однапред да ги пуштиме вашите војници да поминат, ние повеќе нема да ги браниме”, му рекол Дачиќ.
Инаку, Ивица Дачиќ има политичка кариера која трае веќе 30-тина години. Тој беше портпарол на Социјалистичката партија, некогашните комунисти, кога лидер на партијата беше Слободан Милошевиќ. Потоа го наследи Милошевиќ на чело на СПС.
При напуштањето на коалицијата со Борис Тадиќ ( екс партијата на Зоран Ѓинѓиќ ) и правењето нова коалиција со СНС, тогаш на чело на Томислав Николиќ, а сега со Александар Вучиќ, тој беше избран за српски премиер. Во владата на Дачиќ, Александар Вучиќ беше министер за одбрана. Потоа Дачиќ и Вучиќ се ротираа на премиерската функција, а Дачиќ стана министер за надворешни работи.
До пред некоја недела Дачиќ беше Претседател на Собранието на Република Србија, а сега се споменува како кандидат за нов српски министер за надворешни работи.
Како куриозитет се посочува фактот дека Дачиќ потекнува од истото село каде што е родена фолк дивата Светлана Ражњатовиќ Цеца. Тоа е селото Житораѓе во околината на Ниш.
Во контекст на шегата кога Дачиќ му ја кажа на турскиот претседател, реџеп Таип Ердоган, може да се стави и вчерашниот негов настап на собраниската седница на која се расправаше за Косово.
Ивица Дачиќ на вонредна седница на Народното собрание на Република Србија изјави дека, доколку Србите се вратат во минатото, ќе дојдат до битката за Косово и прашањето дали требаше да се соочат со Мурат во 1389 година или да го пуштат да оди во Виена и Пешта, бидејќи тие што тогаш ги браневме, вели Дачиќ, “со нивниот косовски завет”, на крајот “го признаа т.н. Косово како независна држава”.
Инаку, Дачиќ е познат по неговиот неформален модел на водење на надворешната политика и многу често на средбите и свечените вечери со своите колеги, како Сергеј Лавров, или претседатели на држави и премиери ( како што е Ердоган ) се фаќа за микрофонот и ќе испее некој хит за да ја релаксира атмосферата и да го направи уште подобро дружењето. Омилена песна која често ја пеел на такви настани е песната Миљацка.
Од друга страна и Вучиќ и Ердоган со годините изградија многу добро пријателство и приватни врски. Минатата недела, на својата балканска турнеја, Ердоган беше во Белград, а Вучиќ исто така имал неколку посети на Турција.
За време на последната посета на Турција, Вучиќ се фотографираше во Истанбул како јаде турска баклава и та фотографија ја објави на својот инстаграм профил-Иднината на Србија.