KSTAR успеа да одржи реакција од 100 милиони °C за 30 секунди.
Реакторот за нуклеарна фузија (KSTAR), развиен од истражувачите од Националниот универзитет во Сеул, достигна температура од повеќе од 100 милиони Целзиусови степени, седум пати повеќе од јадрото на Сонцето и работеше на таа температура 30 секунди.
Иако ниту времето ниту температурата не се рекордни, постигнувањето топлина и стабилност во исто време не носи чекор поблиску до остварлив реактор за фузија – се додека техниката што се користи е скалабилна.
Најголемата пречка за постигнување на одржлива фузија е контролирањето на плазмата, бидејќи ако ги допре ѕидовите на реакторот, таа брзо се лади, задушувајќи ја реакцијата и предизвикувајќи значителна штета на комората што ја држи. Истражувачите обично користат различни форми на магнетни полиња за да ја задржат плазмата – некои користат бариера за транспорт на рабовите (ETB), која ја обликува плазмата со остар дисконтинуитет на притисок во близина на ѕидот на реакторот, додека други користат внатрешна транспортна бариера (ITB), која создава поголем притисок поблиску до центарот на плазмата.
Јужнокорејскиот тим користел модифицирана ITB техника, постигнувајќи многу помала густина на плазмата. Нивниот пристап се чини дека ги зголемува температурите во јадрото и ги намалува на работ, што веројатно ќе го продолжи животниот век на компонентите на реакторот.
Јонг-Су На, водачот на истражувачкиот тим, вели дека ниската густина била клучна и дека „брзите“ јони во јадрото на плазмата се составен дел за стабилноста на реакцијата. Сепак, тимот сè уште не ги разбира целосно вклучените механизми.
Реакцијата престанала по 30 секунди само поради хардверски ограничувања, а во иднина би требало да бидат можни и подолги периоди. KSTAR сега е исклучен поради надградби, со заменети јаглеродни компоненти на ѕидот на реакторот со волфрам, што според Na ќе ја подобри повторливоста на експериментите.
Ли Маргетс од Универзитетот во Манчестер вели дека физиката на фузиските реактори се повеќе се разбира, но има технички пречки што треба да се надминат пред да се изгради работна централа. Дел од тоа ќе биде развојот на методи за извлекување на топлина од реакторот и нејзино користење за производство на електрична енергија.
Температурниот рекорд во реактор за фузија сè уште го држи кинеското „вештачко сонце“, кое успеа да достигне 10 пати поголема температура од јадрото на Сонцето.
Видеото може да го погледнете ТУКА