„Ќе предложиме обврзувачка цел за намалување на врвната потрошувачка и тесно ќе соработуваме со земјите-членки за да го постигнеме тоа“, најави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Европската комисија (ЕК) во средата предложи задолжително намалување на потрошувачката на електрична енергија при максимални оптоварувања и пренасочување на дополнителните профити на енергетските компании кон најранливите граѓани и претприемачи поради огромниот пораст на цените на енергијата.
Мораме да заштедиме, но паметно“
„Ќе предложиме обврзувачка цел за намалување на потрошувачката во време на шпиц и тесно ќе соработуваме со земјите-членки за да го постигнеме тоа“, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, презентирајќи предлози за мерки за запирање на вртоглавото поскапување на енергијата. Мерките имаат за цел да им помогнат на најзагрозените граѓани и бизниси. „Што и да правиме, ќе мора да заштедиме, но да заштедиме на паметен начин“, додаде таа.
1. Изедначување на потрошувачката со цените
Електричната енергија потрошена во периодите на шпиц е најскапа и затоа е потребна стратегија за изедначување на потрошувачката во текот на денот, додаде Фон дер Лајен.
2. Ограничување на приходите на компаниите за производство на енергија од обновливи извори
Друг предлог вклучува ограничување на приходите на компаниите кои произведуваат електрична енергија по ниски трошоци, како што се оние кои добиваат електрична енергија од обновливи извори, и пренасочување на дополнителниот профит кон ранливите групи граѓани и бизниси.
3. Ограничување на профитот од фосилните горива
Идејата е да се воведе ограничување на приходите за компаниите кои произведуваат електрична енергија од фосилни горива. „Нафтените и гасните компании исто така имаа огромни приходи, затоа предлагаме нивен заеднички придонес“, вели Фон дер Лајен. Земјите-членки треба да ги инвестираат овие приходи во обновливи извори на енергија за да им помогнат на ранливите домаќинства.
4. Субвенции за енергетски компании
Четвртата мерка предложена од ЕК е поддршка на енергетските компании за да можат да се справат со нестабилноста на пазарот.
5. Ограничување на цените на рускиот гас
Предложените мерки вклучуваат ограничување на цената на гасот што се увезува од Русија. „Целта е многу јасна, мораме да ги намалиме руските приходи што рускиот претседател Владимир Путин ги користи за финансирање на војна против Украина“, рече фон дер Лајен.
Европската унија веќе драстично го намали увозот на руски гас. На почетокот на војната против Украина, ЕУ увезуваше 40 отсто гас од Русија, а денес е девет отсто. За предложените мерки ќе разговараат министрите на земјите-членки задолжени за енергетика, кои во петок ќе се соберат на вонреден состанок.