Економистот Џозеф Стиглиц, кој е и добитник на Нобеловата награда, истакна три причини зошто смета дека продолжувањето на зголемувањето на каматните стапки во Соединетите Американски Држави ќе ја влоши инфлацијата.
Во интервју за американската телевизиска компанија CNBC тој изјави дека е загрижен дека овој раст е превисок, пребрз и дека трае долго. Стиглиц, кој е учесник на италијанскиот економски форум Амбросети, смета дека е неопходно, како што наведе, да се прилагоди политиката на речиси нула проценти на каматните стапки, што беше случај во 2008 година, кога имаше рецесија.
Тој посочи три причини зошто смета дека американската централна банка (ФЕД) може да ја стимулира инфлацијата со зголемување на каматните стапки. Првата е дека тој смета дека најголемите причини за инфлацијата се нарушувањата во понудата на пазарот, што доведува до повисоки цени на нафтата, храната, па дури и недостиг на храна за бебиња, што неодамна се случи во САД.
“Дали зголемувањето на каматните стапки ќе доведе до повеќе нафта, но по пониска цена? Дали зголемувањето на каматните стапки ќе доведе до повеќе храна, но по пониска цена? Очигледно не. Всушност, ризикот е дека тоа ќе ги влоши работите. Зошто? Што ни треба да се направи е да се инвестира на начин да се ослободиме од проблемите на понудата што создаваат таков хаос во нашата економија“, изјави тој за CNBC.
Друга причина зошто Стиглиц мисли дека зголемувањето на каматните стапки во САД може да ја влоши инфлацијата е затоа што маржите за големите компании се зголемуваат заедно со нивните влезни трошоци.
„Затоа, растот на каматните стапки на неконкурентните пазари може да предизвика уште поголема инфлација“, додава тој.
Третата причина поради која тој смета дека растот на каматите може дополнително да ја влоши инфлацијата е цената на кириите, која е важен сегмент од инфлацијата. Тој потсети дека растот на каматите влијае и на кириите.
Стиглиц е професор на Универзитетот Колумбија и автор на книгите „Цената на нееднаквоста“ и „Глобализацијата и нејзините незадоволства“.