Заминувањето на Михаил Горбачов, последниот лидер на Советскиот Сојуз од историската сцена, повеќе го погоди Западот отколку Русија, која смртта на последниот претседател на СССР ја дочека прилично студено и со не толку голем интерес.
Од друга страна, многу западни лидери веруваат дека со смртта на Горбачов Русија изгуби многу. Најмногу од се да стане модерна држава и демократско општество. Многумина го дадоа своето мислење за темата Горбачов во последните 31 година, а меѓу нив беше и дипломатот Хенри Кисинџер, кој полека се наближува на 100 години.
Својот суд за Горбачов го даде во својата книга Дипломатија, во вториот том. Овде накратко ќе претставиме што напиша Кисинџер за Михаил Горбачов.
„Михаил Горбачов, шестиот советски лидер по Ленин, порасна во земја која уживаше невидена моќ и престиж, но судбината му одреди да дојде на нејзино чело во време кога империјата во чии темели беше вградено цело море од крв, се соочуваше со колапс и пропаст на целото свое богатство. Кога ја презеде функцијата во 1985 година, Советскиот Сојуз беше нуклеарна суперсила со тенденција на економско и социјално распаѓање. Кога беше симнат од власт во 1991 година, војската својата поддршка му ја даде на неговиот ривал, Борис Елцин. Комунистичката партија беше забранета, а империјата уште од времето на Петар Велики, доживеа распад.
Во март 1985 година, кога Михаил Горбачов ја презеде функцијата генерален секретар на Комунистичката партија, никој не знаеше што ќе се случи. Како и во случајот со сите негови претходници, појавата на новиот генерален секретар поттикна и страв и надеж. Страв, со оглед на тоа дека дошол на чело на суперсила која изгледала уште позлобна поради мистериозниот начин на управување, и надеж затоа што новиот човек конечно би можел да се одлучи за долгоочекуваниот пресврт кон мирот. Секој негов збор беше анализиран за каков било знак дека тензијата ќе се намали. Како и со сите други наследници на Сталин, демократските земји беа емотивно поподготвени да го видат почетокот на новата ера кај Горбачов.
Очекувањата на Западот за прв пат, како што се испостави, не се остварија. Горбачов припаѓаше на новата генерација чиј дух не беше скршен од Сталин. За разлика од сите претходни „производи“ од номенклатурата, тој немаше „цврста рака“. Тој беше интелигентен и љубезен, донекаде потсетуваше на апстрактни ликови од руските романи од 19 век, беше подеднакво космополит и провинцијален, луциден, но недоволно концентриран, склон да размислува, но сè уште не можеше да го разбере најважното прашање.
До 1991 година, Вашингтон во Горбачов гледаше партнер за изградба на нов светски поредок – толку незаменлив што претседателот Буш го избра украинскиот парламент како место каде што ќе ги велича неговите квалитети и ќе ја нагласи важноста од зачувување на Советскиот Сојуз. Одржувањето на Горбачов на функцијата се претвори во главна задача на европските државници, кои беа убедени дека нема да можат толку добро да соработуваат со ниту една друга личност. Во времето на необичниот пуч во август 1991 година, кој очигледно беше насочен против Горбачов, лидерите на европските демократски земји застанаа на страната на „легитимноста“, односно го поддржаа комунистичкиот устав врз основа на кој Горбачов беше назначен на функцијата.
Горбачов постапи најзагадочно кога се појави во маската на помирувачки лидер на идеолошки непомирливата нуклеарна сила како што е Советскиот Сојуз. Како што политиката што тој ја водел стануваше сè поконфузна и нивните цели помалку јасни, угледот на Горбачов почна да опаѓа. Пет месеци по неуспешниот комунистички пуч, тој беше принуден да се повлече и да му ја отстапи функцијата на Елцин, во постапка исто толку нелегитимна како онаа што малку порано предизвика бура од гнев на Западот. ….
Горбачов навистина започна една од најзначајните револуции во своето време. Тој ја уништи Комунистичката партија која беше организирана исклучиво за да ја преземе и одржи власта која практично ги контролираше сите аспекти на животот во Советскиот Сојуз. Горбачов зад себе ги остави остатоците од карираната империја која се градеше со векови и со огромни жртви.
Тие, сега независни држави, сè уште во страв од руската носталгија за својата поранешна големина, се претворија во нов елемент на нестабилност. Горбачов сакаше… да ја модернизира својата земја, а не да и даде слобода – и сакаше да ја поврзе Комунистичката партија со реалноста, а наместо тоа, предизвика колапс на системот што го донел на власт и на кој му должи сè што постигнал. Горбачов, кого сопствениот народ го обвинува за катастрофата што го снајде додека беше на чело на државата, кој беше целосно заборавен од демократските земји откако се покажа дека не е во состојба да ја одржи власта, не заслужува ниту претерана восхит со која тој беше обвиткан, ниту им е жал за она што му се случуваше подоцна…
Во моментот кога дојде на власт, почна да се гледа големината на советскиот дебакл…“, напиша Кисинџер.