Европската недела на мобилност се одбележа и во Виена, а тоа е град во кој речиси половина од домаќинствата немаат автомобили и каде надлежните тврдат дека континуирано работат на подобрување на урбаната мобилност.
Во главниот град на Австрија се обидуваат да го направат превозот што поеколошки – проширување на мрежата на велосипедски патеки, шеталишта и подобрување на јавниот превоз.
Според податоците на градските власти, лани речиси три четвртини од патиштата во Виена се поминувале со велосипед, јавен превоз и пеш.
Годинава преку 44 проекти, главната велосипедска мрежа ќе се прошири за дополнителни 17 километри.
Фокусот е ставен на зголемување на безбедноста на велосипедистите и продолжување на изградбата на велосипедските патеки кои во одредени делови се во прекин.
Виена се смета себеси за главен град на пешаците. Во 2021 година, Виенците патувале повеќе од една третина од патиштата (35 проценти) пеш.
За да ги мотивират да пешачат уште повеќе, креирана е апликација за броење чекори, кои потоа може да се заменат за подароци.
Надлежните веруваат дека и шетањето по улиците на Виена станува побезбедно и попријатно.
Годинава ќе се редизајнираат, раззеленуваат, разладуваат бројни улици и плоштади, а сообраќајот ќе биде намален.
Се посочува дека речиси половина од виенските домаќинства (47 проценти) немаат автомобили. Австриската метропола со години има повеќе корисници на годишни билети за градски превоз, кои чинат 365 евра, отколку регистрирани патнички возила.
Возилата за јавен превоз минатата година поминаа вкупно 78 милиони километри, што одговара на растојанието, како што беше нагласено, од Земјата до Марс.
Комисијата на Европската унија ја иницираше Европската недела на мобилност во 2001 година, а сега на прославата учествуваат 55 земји и 3.000 градови и општини.
Бројните настани минатата недела ја подигнуваа свеста за еколошката мобилност, го привлекуваа вниманието на проблемите во сообраќајот и прикажуваа еколошки решенија.