На чело на Агенцијата е Словенката Нина Грегори, која вели дека таа и вработените во Агенцијата се длабоко тажни поради ваквите обвинувања.
Шефицата на Европската агенција за азил е обвинета за неправилности три години откако и беше задолжена да го врати кредибилитетот на телото на Европската унија, откако нејзиниот претходник ненадејно поднесе оставка.
Во жалбата испратена минатата недела до Агенцијата за борба против измами на Европската комисија, вработените во Агенцијата за азил на Европската унија побараа истрага за врвните менаџери на агенцијата, кои ги обвинуваат за непотизам, погрешни извештаи и малтретирање.
Во писмената жалба видена од Фајненшл тајмс, повеќето од обвинувањата беа упатени кон извршната директорка Нина Грегори, која ја презеде функцијата во 2019 година по заминувањето на нејзиниот претходник, Хозе Кареиро, кој беше обвинет за вознемирување. Неименуваниот кодош решил да реагира за да ја врати агенцијата во претходната функционалност, се наведува во текстот на жалбата.
„Грегори воспостави комплексен систем на правни структури и контроли кои требаше да остават впечаток на регуларност и усогласеност, но кои во реалноста ги прикриваат сите неправилности на Агенцијата“, се тврди во претставката. „Грегори се погрижи да биде невозможно да се информира управниот одбор, Европската комисија, Европскиот парламент и јавноста за неправилностите.
Oбвинeниjaтa против Нина Грегори вклучуваат и назначувања кои се во спротивност со правилата за вработување. На овој начин им овозможила на своите блиски соработници побрзо да напредуваат во кариерата, а некои ги задржала во канцеларија многу подолго од предвиденото со нивните договори, се вели во жалбата.
Грегори и високи менаџери на Агенцијата ги отфрлија сите наводи.
Агенцијата за азил на Европската унија (EUAA) вработува околу 2.000 луѓе и обезбедува правна, техничка и оперативна помош за земјите-членки. Во јануари, агенцијата доби ново име и мандат да им помогне на земјите-членки да го стандардизираат начинот на кој одговараат на барањата за азил.
Грегори, Словенка по националност, која дваесет години работеше во МВР на Словенија пред да стапи во Агенцијата, беше назначена на функцијата со цел да се зајакне надзорот над вработувањето, набавките и внатрешната контрола по обвинувањата против нејзиниот претходник.
Иако вработените не го обвинија раководството на агенцијата за финансиска измама, велат дека поради тие погрешни назначувања биле исплатени неоправдани хонорари и наведуваат дека „мамењето при користење на средствата од ЕУ се претворило во нередовна исплата на плати“ на десетици менаџери.
Агенцијата за азил наводно вработила некои луѓе кои се поврзани со „корупциските скандали објавени од медиумите во Малта“, како и роднини на некои од менаџерите на агенцијата кои на тој начин добиле работа без редослед, се вели во писмената жалба, но не е наведено на кои конкретни лица тој нерегуларен работен однос се однесува.